Иницијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“ ќе одржи специјално издание насловено „Цепки“ по повод десетгодишниот јубилеј на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“. Овој гала настан ќе се одржи во Филхармонијата на 13 мај, со почеток во 20 часот.
Темата на „Цепки“ ќе биде субверзивната моќ на хуморот и ќе понуди повеќе толкувања на тоа што е смешно. Ќе учествуваат петмина раскажувачи кои со своите настапи веќе оставиле голем впечаток на „ПичПрич“: уметницата Јана Јакимовска, планинарката и уметница Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радиоводителката Маја Казакова и режисерката Софија Ристевска. Како и на сите други гала настани на „ПичПрич“, ќе настапи и една регионална раскажувачка, хрватската писателка и активистка Мима Симиќ.
„ПичПрич“ е авторство на Ана Василева и Румена Бужаровска, заедно со „Тиииит! Инк“. Билетите за „Цепки“ се продаваат по цена од 200 денари. Настанот е поддржан од Шведска и фондацијата „Kvinna till Kvinna“.