На 29 октомври од 20 часот, во „Јавна соба“ во Скопје ќе се одржи настанот „Поетроника за млади“, дел од уметничкиот проект „Поетроника“, кој е спој на поезија и електронска музика.
Автори на „Поетроника“ се актерот Оливер Митковски и диџејот и продуцент Андреја Салпе, а во „Поетроника за млади“ им гостува српската поетеса Радмила Петровиќ.
„Проектот произлезе од идејата да ги научиме младите да ја сакаат поезијата, не преку книжевни анализи, туку преку живо, современо и инспиративно доживување. Преку музичко-поетски перформанс, поезијата станува блиска, ритмична и разбирлива за генерацијата која расте со звук, екрани и визуелна култура. Првичната идеја беше во рамките на проектот да се реализира настап со српската поетеса Радмила Петровиќ. Од тоа произлезе нешто многу поголемо, нова уметничка фузија и регионална соработка“, велат Митковски и Салпе.