ПОГОДЕН ЏЕКПОТОТ НА АМЕРИКАНСКАТА ЛОТАРИЈА ОД 1,33 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, ДОСЕГА НИКОЈ НЕ СЕ ПРИЈАВИЛ КАКО ДОБИТНИК

Чикаго, (АП)

Тикет купен во околината на Чикаго го освои џекпотот на американската лотарија „Мегамилион“ од 1,337 милијарди долари. Од лотаријата кажаа дека има еден добитен тикет, купен на бензинска пумпа во Дес Плејнз.

Возбудени сме што сме сведоци на еден од најголемите џекпотови во нашата историја. Едвај чекаме да видиме кој е освојувачот“, изјави директорот на „Мегамилион“, Пет Мекдоналд.

Тоа можеби никогаш нема да се дознае, бидејќи Илиноис е меѓу сојузните држави каде што добитниците на наградите повисоки од 250.000 долари можат да изберат да не си го откријат името. До саботата вечер, никој не се пријавил како добитник.

Ова е третата најголема добивка досега и порасна толку многу откако никој ја немаше погодено добитната комбинација од 15 април, односно 29 извлекувања по ред.

Севкупната награда е наменета за оние кои ќе се одлучат за годишни исплати во следните 29 години. Најголемиот дел од добитниците ја избираат еднократната исплата, што во случајов изнесува 780,5 милиони долари.

И продавницата каде што е продаден тикетот е голем победник, бидејќи ќе добие пола милион долари.