ЗАВРШИ 11. МЕЃУНАРОДНА ШКОЛА ЗА АРХЕОЛОГИЈА ВО СТОБИ, ГОДИНАВА ИМАШЕ СТУДЕНТИ ОД КАНАДА, САД И АВСТРАЛИЈА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Еден месец траеше 11. меѓународна школа за археологија, која се одржува на локалитетот Стоби. Ја посетуваа 12-мина студенти од Канада, САД и Австралија, кои ги изучуваа основните методи на археолошко ископување и изработка на теренска документација.

Учесниците работеа на теренски дневник, фотографија, фотограметрија, техничка документација, локус листи и теренски инвентар. Истражувањата се одвиваа на просторот меѓу Теодосијанската палата и т. н. Затвор, при што беа ископувани два објекта кои постоеле на крајот на доцната антика и во раниот среден век. Истражувањата на овој простор почнаа во 2014 како дел од оваа школа“, кажа Спасе Перовски, директорот на НУ Стоби.

Школата, која почна во 2010, се одржа во текот на јули. Покрај теренската работа, посетителите слушаа предавања за римските историја и археологија на подрачјето на Македонија, а имаа и едукативни посети на Охрид, Битола и Скопје и изборна посета на Пела и Вергина.

Цел на археолошките истражувања на овој простор е документирање на релацијата помеѓу Теодосијанската палата и Затворот, како и негово истражување, за да се дефинираат намената, периодот на изградба и периодот на функционирање. Во 2019 беше откриена мермерна скулптура на Дионис, која потекнува од 2-3. век“, додава Перовски.

Школата се финансира од донациите на учесниците, а ја реализираа НУ Стоби, невладината организација „Балканско наследство“ од Софија и универзитетот Квинс во Канада.

П. ПЕЧКОВ