ПРЕКУ ЏЕЗ МУЗИКА И ФОРУМ ТЕАТАР МЛАДИ ОД БИТОЛА ЌЕ ПРОГОВОРАТ ЗА СВОИТЕ ПРОБЛЕМИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Слушајќи џез музика и учествувајќи во форум театар, средношколци и студенти од Битола се поттикнуваат креативно и критички да размислуваат за проблемите од своето секојдневие и да наоѓаат решенија за нив. Ваквите креативни работилници се одржуваат во рамките на проектот „Јас сум гласот на мојата генерација”, во организација на Младински иницијативи за дијалог и соработка-Битола и на Средното музичко училиште, со поддршка на ЕУ.

„Форум театар е алатка за социјални промени и дава можност да се проговори за теми за кои младите не зборуваат или е тешко да се зборува. Програмата ќе ни послужи како генерална проба за решавање на реални проблемски ситуации и ќе обезбеди простор учесниците да идентификуваат за нив важни прашања и да развијат планови за да ги трансформираат проблемите во можности. Дополнителна вредност на овој процес е користењето на џез музиката, која промовира мир, меѓукултурен дијалог, почитување на различностите и слобода на изразување“, вели Катерина Богеска, координатор на проектот.

Ќе се одржи и јавен настап, на кој учесниците ќе бидат мегафон, преку кој младите ќе прозборат.

Ж. ЗДРАВКОВСКА