ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „КОЈА Е ЛОРЕТ“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (29 декември) од 19 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се одржи премиерата на претставата „Која е Лорет“, наменета за публика на возраст од шест години нагоре.

„Која е Лорет“ го истражува прашањето на идентитетот и припадноста, отвора простор за разбирање на различностите и ја поттикнува публиката да го препознае и прифати другиот. Во фокусот на приказната е Лорет, девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку една особина, туку преку сите улоги што ги живее: ќерка и сестра, ученичка и пријателка, актерка, режисерка и сликарка.

Претставата е работена по текстот на француската авторка Флоранс Кадие. Режијата е на Драгана Милошевски-Попова, а драматизацијата на Милена Деполо. Идејното решение за сценографијата, куклите и костимите е на Ирина Сомборац, музиката е на Сашко Костов, а асистент на режија и стручен соработник е Драгана Таневски.

Играат Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.

Со премиерата на „Која е Лорет“ се заокружува програмата на Театарот за деца и младинци за 2025 година, во која одбележа 35 години од постоење. По повод јубилејот, ТДМ издаде краток каталог како надополнување на монографијата објавена по повод 30-годишнината од основањето на театарот.

(Фото: ТДМ)