ПРОЕКЦИЈА НА „ПРАШИНА“ НА МАНЧЕВСКИ ВО ЧЕСТ НА САЛАЕТИН БИЛАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе се прикаже филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, во чест на доајенот на театарското и филмско глумиште, Салаетин Билал, кој почина минатиот месец.

Билал студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје. Како актер гостувал и во проекти изведувани во Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Театарот на Ромите „Пралипе“, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.

Во неговата биографија се запишани и голем број серии и филмови, како „Најдолгиот пат“, „Време води“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Трето полувреме“ и „До балчак“.