РАБОТА НА -95 СТЕПЕНИ – ОТСЕГА МОЖЕТЕ ДА ЈА СЛЕДИТЕ ВРЕМЕНСКАТА ПРОГНОЗА НА МАРС

Њујорк, (Гик)

На Марс е екстремно студено, вели сондата „Инсајт“, која отсега ви овозможува секојдневно да ја следите временската прогноза на „црвената планета“.

Почнувајќи од оваа недела, сондата на НАСА редовно испраќа податоци за температурата, ветерот и за воздушниот притисок на Марс, кои можат да се следат преку сајтот на мисијата.

Благодарение на пакет сензори, „Инсајт“ дава повеќе податоци за временските прилики на Марс од претходните мисии, па така пред некој ден можеше да се види дека таа била изложена на температури од -95 до -17 Целзиусови степени.

„‘Инсајт‘ е блиску до екваторот на Марс, поточно северно од него, па затоа ја искусува тамошната зима. Во зима, таму е сезона на бури, но малку е веројатно дека ‘Инсајт‘ ќе биде оштетена од лошото време. Марс има познати атмосферски феномени, кои, сепак, доста се разликуваат од оние на Земјата“, вели Дон Бенфилд од Универзитетот Корнел во Њујорк, задолжен за метеоролошката опрема на сондата.