Пејачката Ејми Вајнхаус, актерот Робин Вилијамс, шведскиот диџеј Авичи, славниот готвач Ентони Бурден, модната дизајнерка Кејт Спејд, фронтменот на „Продиџи“ Кит Флинт се некои од ѕвездите кои изминативе години се самоубија, и со тоа само го нагласија проблематичниот тренд – зголемена стапка на самоубиства.
Според последните достапни податоци од Светската здравствена организација, во 2016 имало 793 000 самоубиства во светот.
Бурден (61) и Спејд (55) се обесија во рок од три дена, на различни континенти, додека најновите податоци покажуваат зголемување на стапката на самоубиства во речиси секоја сојузна држава во САД од 1999 година. Најголемото зголемување е кај лицата меѓу 45 и 64 години, велат од Центарот за контрола и спречување на болести во САД.
Ментални проблеми, многу често неоткриени, најчесто се повод и експерти велат дека ако можат да се препознаат предупредувачки знаци, тоа може да помогне да се спречи трагедија.Претходни истражувања покажаа дека за тоа придонесуваат и економски проблеми и опиоидната криза.
„Важно е сите да знаат кои се тие предупредувачки знаци, за да може да се интервенира. Не е штетно ако некого прашате дали има самоубиствени мисли и да му кажете дека се грижите“, вели психијатарката Кристин Мутие.
Ова се најчести симптоми на однесувањето кое може да доведе до самоубиство:
Ако зборуваат дека се чувствуваат безнадежно, заробено и товар на други или дека сакаат да умрат.
Необични промени во расположение или повлекување од семејството, пријатели и редовни активности.
Откажување од работи кои им биле важни.
Зголемено консумирање алкохол и дрога.
Лани британската влада го доби првиот министер за превенција од самоубиство. Премиерката Тереза Меј ѝ ја додели новата функција на Џеки Дојл-Прајс, која претходно беше министерка за здравство во надеж дека тоа ќе ја тргне стигмата која постои околу самоубиствата. Иако стапката на самоубиства паѓа, околу 4.500 Британци си го одземаат животот секоја година.
Владата, исто така, вети поголема помош во училиштата, во кои ќе бидат вклучени тимови за поддршка.
„Самоубиствата имаат трагичен, уништувачки и долготраен ефект врз семејствата. Тие луѓе треба да бидат во срцето на она што ние го правиме“, изјави Дојл-Прајс.