РЕСТОРАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА СЕ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПСКИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ, А СО НОВИТЕ МЕРКИ ИМ СЕ ЗАКАНУВА ПЛИМА ОД БАНКРОТИ

Брисел, (АП)

Угостителските објекти први се најдоа на удар при повторното воведување рестриктивни мерки низ Европа среде драматичното ширење на коронавирусот. Од Северна Ирска до Италија, од Холандија до Франција, владите ги затворија рестораните, баровите и пабовите или го ограничија нивното работење.

Затворањето се одразува како врз работните места и приходите, така и врз социјалните навики, бидејќи рестораните се во срцето на европскиот начин на живот.

„Рестораните се места каде што се прославуваат многу посебни моменти, места каде што луѓето се среќаваат. Тие не значат само храна, туку и добросостојба“, вели Грит Грасин, сопственик на италијански ресторан во Брисел.

Кафулињата во Париз сега се затвораат во 21 часот поради полицискиот час (Фото: Гети)

Во Италија, согласно новите мерки, рестораните и баровите ќе затвораат во 18 часот најмалку еден месец, додека во Шпанија има општа забрана за движење од 23 до шест часот. Дури и Берлин го затвори ноќниот живот за првпат во последните 70 години.

„Се разбира дека можеме да живееме без рестораните, но дали можеме да живееме без социјален живот? Се разбира дека не“, вели професорот по историја на храна Петер Сколиерс.

Ксавиер Денамур, кој поседува пет кафулиња во Париз со вкупно 70 вработени, смета дека владата незаслужено ја казнува индустријата.

„Ова е катастрофална мерка. Ако ништо друго, полицискиот час треба да почнува во 23, место во 21 часот“, изјави тој.

Повеќе од 400.000 луѓе вработени во рестораните и кафулињата во Италија останале без работа до септември и се очекува овој тренд да продолжи во наредниот период. Рестораните и баровите се затворени на еден месец и во Холандија и тие исто така предупредуваат дека се соочуваат со плима од банкроти.

Некои локали се прилагодија и се ориентираа на храна за нарачување, но, сепак, очекуваат пад на приходите од 70-80%.