Има многу работи кои родителите очекуваат да ги прават нивните деца, од местење на креветите, преку завршување на домашната задача, до делење играчки со браќата и сестрите. Но, некои деца го надминуваат исполнувањето на основните барања на родителите. Тие ја преземаат одговорноста за емоциите на нивните родители, што може да ги спречи да развијат индивидуално чувство за себе, се вели во текст објавен во „Хафингтон пост“ .
Македонскиот детски психолог и автор на детска литература Христина Стефановска вели дека родителите треба да имаат на ум оти децата не секогаш треба да го прават она што другите го сакаат. Таквото однесување познато како угодување на луѓето често потекнува од детството, во функција на угодување на родителите.
„Секое дете во своето растење бара сигурност, водство и поддршка од своите родители. Ако направи грешка, ќе бара и начини да ја поправи. Ќе бара родителите да го поддржат со охрабрување во неговите напори, наместо да користат пораки кои создаваат чувство на вина, срам за да го принудат, контролираат или спроведуваат казна за да го натераат да ја сфати својата грешка. Да се биде постојано критичен кон децата може да наштети на нивната самодоверба и да доведе до сомнеж во себе“, ни изјави Стефановска.
Според неа, ова станува примарна причина зошто тие зависат од мислењето на другите луѓе за нив и бараат нивна потврда за сѐ што прават.
„Потоа децата ја продолжуваат оваа шема на однесување и во зрелоста, кога избираат кариера, партнери и разни други големи и помали животни избори, како облека и слично, само врз основа на добивање одобрение. Тие длабоко се плашат од критики, да не ги вознемират или разочараат луѓето, бидејќи стравот од неодобрување им претставува чувство на закана по сопствената вредност. Причините во воспитниот стил најчесто лежат во неодобрување, критикување и омаловажување на емоциите на детето, постојано несогласување со неговите мисли и размислувања, постојано манифестирање чувство на лутина и револт кон постапките на детето, откажување од сопствените потреби, огорченост поради тоа, а потоа префрлење на одговорност кон детето, правејќи му да се чувствува ‘лошо‘ само затоа што не се согласува со ставот на родителот, наградување само за послушност во поведението“, вели Стефановска.
Таа додава оти родителот кој непослушноста ја доживува како намалување и погазување на неговиот авторитет дополнително инсистира на послушност и ја отфрла соработката како начин на комуникација. Затоа на ваквото дете ќе му биде тешко да каже „не“ и ќе се извинува и ако не е виновно.
М. ЏАРОВСКА
Фото: ФРИПИК