Родена е во Македонија, живее во Австралија, но вели дека срцето и душата ѝ се во Африка. Билјана Јуруковски во изминатите девет години повеќепати била во Африка и тоа во оние најдивите и најзафрлени предели, каде што со својот фотоапарат прави извонредни фотографии на најизолирани африкански заедници – племиња, кои ги зачувале своите традиција и култура, но се на работ на исчезнување. Нејзините фотографии од овие патувања биле изложувани во галерии во Обединетите Арапски Емирати, Париз, Њујорк, Берлин, Барселона и Македонија и биле објавувани во најпрестижните светски списанија и весници.
Имала 25-годишна кариера како извршна менаџерка во дом за стари лица во Австралија, но, како што вели, почувствувала дека таа работа не ја исполнува. Со своето семејство често патувала, посетувајќи егзотични земји и фотографирајќи, но пресудниот момент се случил во 2014 година.
„Работев 25 години во дом за стари лица, но таа работа не ми даваше некое големо задоволство. Наспроти ова, секогаш сум имала голема желба да запознам различни култури и традиции. Заедно со сопругот и децата често патувавме, во Индија, Индонезија, Кина, Непал, Монголија и други земји. Пресвртниот момент беше во 2014, кога ја купив книгата ‘Пред да исчезнат‘ од авторот Џими Нелсон, во која имаше фотографии од некои племиња во Африка. Кога со возбуда ја отворив книгата, првото што го видов беше фотографија на стар човек со рогови на него, а зад него седат две дечиња со ‘калашникови‘ во рацете. И тогаш почнав да се прашувам дали сѐ уште постојат вакви луѓе? Каде се, каде живеат? Тоа беше моментот кога и јас посакав да ги видам тие луѓе. За тоа мое прво патување ми беа потребни осум-девет месеци планирање и подготовки. Морав да најдам начин како можам да ги контактирам тие племиња бидејќи станува збор за посебни експедиции. Кога требаше да заминам, тоа не беше воопшто лесно, требаше да ги оставам сопругот и децата и да заминам на патување сама. Тогаш заминав во Етиопија и го посетив племето Мурси, кое важеше за едно од најозлогласените. Кога дојдов таму, тоа беше културен шок за мене. Јас живеам во Австралија и одеднаш пред мене се наоѓаат трошни колипки и од нив излегуваат деца со ‘калашникови‘, жени со плочки во усните. Направив голем број фотографии, но кога се вратив дома, увидов дека немав направено речиси ниедна добра. Тој првичен шок беше навистина голем. Но, тоа не ме поколеба и цврсто одлучив дека сакам да продолжам да ги фотографирам и истражувам тие африкански племиња. На почетокот, тоа беше чисто само фотографија, но веќе по второто одење во Африка почнав повеќе да се интересирам за нивниот начин на живот, нивните традиции, старосни групи, верувања, религии. Едноставно, сакав да доловам некаква приказна за нив. Така почнав да правам и антрополошки истражувања за секое племе што го посетив“, вели Билјана Јуруковски.
Наредната година, повторно заминала во Африка и го правела тоа редовно во наредните девет години, со исклучок на годините кога беше пандемијата на ковид-19. Во 2020 донела уште една голема животна одлука: ја напуштила работата во дом за стари лица и целосно се предала на фотографирањето на африканските племиња.
„Мојата цел е да ги документирам некои од последните племиња во Африка кои успеале да ги задржат своите култура и традиција. Глобализацијата веќе почнува да навлегува и во овие најзафрлени предели и можам да кажам дека сум во трка со времето да успеам да ги фотографирам тие последни африкански племиња. Најмногу работам на документирање на племињата во Етиопија, каде што сум била пет-шест пати, сум работела и во Ангола, Јужен Судан, Кенија, а годинава бев во Конго. Тоа се предели каде што во минатото, а и сега колонизаторите не успеале длабоко да навлезат, што им овозможило на тие племиња во огромна мера да ја зачуваат својата автентичност“, објаснува Јуруковски.
Досега има посетено и фотографирано околу 30 племиња, а кај некои била и повеќепати. Билјана вели дека секое од нив е уникатна приказна за себе, по облекувањето, обичаите, по традицијата што ја негуваат.
„Секое од нив има свои специфики, култура, обичаи, начин на облекување, кој воопшто не е случаен и е полн со симболика. Меѓу другите, ги имам посетено племето Каро во Етиопија, од кое се останати уште околу 1.500 луѓе, племето Дасанеч, кое живее на границата меѓу Етиопија и Кенија и Мундари во Јужен Судан, за кое кравите претставуваат огромно богатство. Специфични се по тоа што имаат портокалова коса зашто ја премачкуваат со уреата од кравите. Племето Боди или Меен живее во Етиопија и е карактеристично по скарификаците, односно засекување црти на кожата, што предизвикува крвавење и создава лузни. Ги имаат по целото тело и секоја лузна има свое значење. Племето Рендиле живее во северна Кенија. Тоа се воини кои успеале да им се спротивстават на Британците во времето на колонизацијата. Кај нив мажите и жените имаат прекрасна облека полна со мониста. Племето Сури сум го посетила повеќепати и ми е едно од најомилените. Од нив имам направено многу, многу фотографии. Живеат во Етиопија на границата со Јужен Судан и се едни од најартистичните луѓе кои сум ги сретнала. Тие се прекрасни модели за фотографирање и користат секакви материјали од природата за да се декорираат. И за нив е специфично што имаат скарификации, а жените носат плочки вметнати во долната усна или во ушите, но и оваа традиција кај нив полека изумира. Како заедница, тие комплетно се одделени од цивилизацијата, а како народ се многу непокорни. Владата на Етиопија правела обиди до некаде да ги смири, но не успеала. Можат да бидат и агресивни, но по толку многу години одење кај нив, имам воспоставено прекрасна врска со нив. Племето Мурси има слични особини како Сурите, но бидејќи таму, во Јужен Судан, граѓанските војни се чести, Мурсите најчесто се вооружени со автоматски пушки“, раскажува Јуруковски.
Да се организира и спроведе една ваква експедиција воопшто не е едноставна работа, вели таа. Потребни се месеци планирање, обезбедување водичи кои треба да помогнат да се стапи во контакт со племето, потребни се обезбедување од вооружени лица, возила, опрема, вода, храна. За едно вакво патување мора да се примат околу 15 вакцини против разни заразни болести.
„Колку детаљно и да ја планираш експедицијата, секогаш излегува нешто непредвидено. Еднаш поради племенските војни моравме порано да заминеме. Посебно тешка ми беше последната експедиција која оваа година ја направив во Конго, во кралството Куба. Меѓу 17. и 19. век тоа било многу големо и моќно кралство, но на нивната територија навлегле Белгијците кои уништиле сѐ од нивната култура. Ова племе 60 години никој го немаше посетено. Во 2011 две фотографки успеале да влезат таму, а јас сум само третата жена од цел свет. Патувањето дотаму беше голем предизвик, а патот беше вистинска голгота. По напорниот пат од Австралија до Конго, таму требаше да нѐ чека мал авион за да нѐ однесе до бараната дестинација, но авионот го немаше, па моравме да тргнеме со џипови низ еден крајно непристапен и опасен терен. Заглавуваме, ни се расипуваа џиповите, храната и водата ни завршуваа, а последните два дена ги поминавме со само половина литар вода по човек. Но, она што го видов и фотографирав при посетата на Куба кралството, сите тешкотии и проблеми ги остави во втор план. Така е со секоја посета на Африка. Кога по секое вакво патешествие ќе се вратам дома, се чувствувам многу богата, финансиски дефинитивно не, но духовно многу исполнета. Африка ме прави да бидам многу приземјена, ми помага да сфатам некои работи од животот, да видам што е тоа што е важно“, вели Билјана Јуруковски.
Секоја фотографија на Билјана е приказна за себе, еден безвременски запис за еден, за нас толку далечен и недостапен свет. Тоа се фотографии кои пленат со својата едноставност, но всушност се многукратно слоевити, бидејќи не покажуваат само некој лик или некаква состојба, туку се автентичен уметнички запис на нешто што можеби веќе утре ќе го снема од нашата планета, запис за еден сосема различен начин на живот од оној што ние го живееме. И затоа не случајно една нејзина фотографија на две девојки од племето Сури во 2020 година беше избрана меѓу 200 фотографии од целиот свет и испратена во вселената за да се пренесе порака за мир и единство од човештвото во бесконечноста на универзумот.
З. АНДОНОВ / Фото: Б. ЈУРУКОВСКИ