СЕ СПРЕМА МЈУЗИКЛ „КАО КАКАО“ СПОРЕД МУЗИКАТА НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, ПРЕМИЕРАТА Е ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Као какао“ е првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, а премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.

Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режисер е Дејан Пројковски. Претставата треба да вклучи 19 композиции од Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени од Бобан Мирковски.

Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде вели дека идејата за проектот постоела три години, а конкретните активности започнале во јуни.

Логично беше да се направи мјузикл според музиката на Влатко Стефановски затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат опус во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело“, рече Мандичевски.

Главните ликови Дона и Џими ќе ги толкуваат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кореографијата е на Олга Панго, костимите на Марија Пупучевска, сценографијата на Валентин Светозарев, а вокална менторка е Ана Костадиновска.

Текстот на Венко ме насмеа трипати, а ме расплака двапати. За мене, тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект“, рече Стефановски.

Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.

Тргнавме храбро, со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствени јазик и идентитет“, кажа Пројковски.

(Фото: Баги комуникации)