Шпанија е уште една држава која објави дека нема да настапи на следната Евровизија во Виена ако учествува Израел. Шпанската државна телевизија РТВЕ ја донесе оваа одлука на денешниот состанок на управниот одбор во Мадрид.
Претходно ваков став зазедоа и Холандија, Ирска и Словенија.
Односите помеѓу Шпанија и Израел се заострија во изминатите денови. Шпанија побара исклучување на Израел од меѓународните спортски натпреварувања откако имаше големи протести на велосипедската трка Вуелта поради учеството на тим во израелска сопственост.
Европската радиодифузна унија минатата недела соопшти дека се консултира со своите членови за тоа како да ги управуваат учеството и геополитичките тензии околу натпреварувањето и им даде рок до средината на декември да одлучат дали сакаат да учествуваат.
Русија беше исфрлена од Евровизија по почетокот на инвазијата врз Украина во 2022, додека Израел продолжи да учествува и покрај војната во Газа.
(Фото: АП)