СКАМЕНЕТИ ОСТАТОЦИ НА КОЊ ПРОНАЈДЕНИ ВО ПОМПЕЈА

Неапол, (Гардијан)

Совршено зачувани скаменети остатоци на коњ се пронајдени во античка вила во близина на ѕидините на Помпеја и археолозите рекоа дека ова е откритие од ретка важност.

Коњот бил оседлан и подготвен за тргнување и се верува дека припаѓал на римски генерал или на некој друг воен функционер од висок ранг. Во вилата се пронајдени остатоци на уште неколку коњи.

(Фото: ЕПА)

Коњите настрадале во ерупцијата на Везув во 79 година, кога градот бил затрупан со милиони тони вулкански остатоци. Тој се наоѓал во близина на денешниот Неапол.

„Коњите се соочиле со жесток и страшен крај, веројатно задушени од прашината или од зовриените пареи од облакот пепел. Се надевам дека вилата повторно ќе биде целосно отворена за јавност“, изјави Масимо Осана, директорот на археолошкиот парк во Помпеја.

Последните откритија се пронајдени при ископувањата на штала северно од градот. Овој локалитет првично бил откопан во почетокот на 20. век, за потоа повторно да биде затрупан.