ОДЛИЧНО ЗАЧУВАНИ ФРЕСКИ ПРОНАЈДЕНИ ПРИ ПОСЛЕДНИТЕ ИСКОПУВАЊА ВО ПОМПЕЈА

Рим, (Би-Би-Си)

Неверојатни уметнички дела се пронајдени при последните ископувања во Помпеја, древниот римски град уништен во ерупцијата на вулканот Везув во 79 година. Археолозите кажаа дека овие фрески се некои од најдобро зачуваните кои досега биле пронајдени во урнатините на Помпеја.

Митски грчки личности како Елена Тројанска се прикажани на високите црни ѕидови на голема соба за банкети. Речиси довршениот поден мозаик во собата содржи повеќе од еден милион бели плочки.

Црната соба беше откриена во изминатите недели

Во собата доминираат две фрески. На една, богот Аполон се обидува да ја заведе свештеничката Касандра, а на другата, Парис ја запознава убавата Елена (фото), што според легендата бил вовед во Тројанската војна.

Една третина од изгубениот град досега е расчистен од вулканските остатоци, а ископувањата што моментално се вршат се најголемите во поново време.