Со 11 дела графики, дел од изложбата насловена „Летаргија“, скулпторот Ангел Коруновски се претстави пред гостите на 62. Рацинови средби во Велес. Изложбата е интимен сублимат на авторот за случувања во светот и човештвото во изминатите 10-15 години.
„Тоа се скици, комбинација на туш и перо, па во специјален програм, потоа рачно цртани и на крај се прават графики, принтови со многу висока резолуција и секое дело е оригинал. Темата е глобализација, брзи информации, губење на човечноста. Порано човекот беше главна инспирација на сите уметници, драматурзи, писатели. Сега тоа е сведено на минимум. Секоја слика има порака, која е комплексна“, кажа Коруновски.
Делата се изложени во фоајето на Велешкиот театар и ќе бидат поставени до 17 јуни, до затворањето на фестивалот со претставата „Рацин“.
П. ПЕЧКОВ