СО ИЗЛОЖБИ, КНИГИ И ДОКУМЕНТАРЕЦ „ОСТЕН“ СЛАВИ 50 ГОДИНИ ОД СВЕТСКАТА ГАЛЕРИЈА НА КАРИКАТУРИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Галеријата „Остен“ годинава слави 50 години од Светската галерија на карикатури, ќе го организира и Остен – Биеналето на цртеж, и за промоција на овие активности во следните три месеци ќе има изложби, церемонија на доделување на награди и признанија, промоција на публикации од издавачката дејност на „Остен“ и премиера на документарен филм, најави денес на пре-конференција извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска.

Официјалната програма почнува денес и ќе трае до 13 декември во галеријата „Остен“, во Националната галерија на Македонија – Чифте амам и во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Централниот настан ќе биде на 22 ноември година во Чифте амам, кога ќе се отворат изложбата на селектираните автори на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018, и документарната изложба „Светска галерија на карикатури (1969 – 2019). Автор на публикацијата „Светска галерија на карикатури (1969 – 2019)“ е карикатуристот Драган Поповски.

Годинава се доделени две посебни Гран-при награди, на македонскиот уметник Родољуб Анастасов за извонредни уметнички достигнувања и Пасквале Целона од Италија за придонес во светската уметност.

Конеска рече дека на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018 досега пристигнале најмногу пријави, 2.317 дело од 868 автори од 61 земја од светот.

„Остен“ во март годинава објави дека Гран при за животно остварување доби Пјер Сулаж од Франција, а Хенри Мур постхумно е добитник на наградата Светско културно наследство.

Првите награди на Остен – Биенале на цртеж 2018 се доделени на Себастијан Лубински од Полска – прва награда за цртеж, Олга Тобрелуц од Русија – прва награда за графика, Барбара Крол од Германија – прва награда за сликарство на хартија, Петре Николоски од Обединето кралство – прва награда за оригинално дело од хартија, Агњешка Јанкиевич од Полска-прва награда за млад уметник.