ГРАН-ПРИ НАГРАДИТЕ НА „ОСТЕН“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА ПЈЕР СУЛАЖ И ХЕНРИ МУР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Францускиот уметник Пјер Сулаж е годинашниот добитник на Гран-при наградата за животно остварување, а британскиот автор Хенри Мур на Гран-прито за светско културно наследство на Биеналето на цртеж на галеријата „Остен“.

Корнелија Конеска од „Остен“ на денешниот прес рече дека наградите ги соопштуваат додека трае конкурсот за Биеналето на цртеж, но дека тие не се предмет на одлука на интернационалното жири, туку Советот на амбасадори на „Остен“ предлага повеќе уметници кои се во највискиот ранг во светот и од тој избор се гласа за лауреатите.

Директорот на „Остен“, Мице Јанкуловски, и Конеска на 14 март му ја врачиле наградата на Сулаж во неговиот дом во Сет, Франција и, како што рекоа, тој бил почестен и воодушевен од признанието, како и од наградата, која е статуетка од Петар Хаџи-Бошков.

Пјер Сулаж минатата недела ја добил Гран-при наградата, која е статуетка од Петар Хаџи-Бошков. Во „Остен“ се изложени фотографиите на францускиот фотограф Рено Руман од средбата со Сулаж

Координаторката на Биеналето, Ангела Димитрова, кажа дека конкурсот трае до 30 април и досега се пристигнати 300 дела од 100 автори.

„Секојдневно пристигнуваат дела, досега предничат автори од Полска, Турција, Германија и од Словенија. Во однос на претходното Биенале, на кое се пријавија 690 уметници од 66 земји со над 2.000 дела, се надеваме дека досегашното темпо на пријави ќе нѐ следи до 30 април“, рече Димитрова.

Селектор на годинашното Биенале е Лука Курчи од Италија, а во жирито се: Мелани Зеферино од Велика Британија, Мано Стефанидис од Грција и Соња Абаџиева од Македонија.

Вечерва во 18 часот, во галеријата „Остен“ ќе се отвори изложбата на белгиски уметници од Музејот на цртеж на „Остен“.

Б. НЕСТОРОСКА