Документарниот филм „Со љубов“ на режисерот Илија Цветковски е прогласен за најдобар европски документарен филм, на 24.Меѓународен филмски фестивал во Нанси, Франција.
Филмот е за пензионираниот професор по биологија Дионис Пашлаков од Неготино и неговата страст за олдтајмери.
„’Со љубов’ е едноставна приказна за поранешен професор што има над сто стари автомобили од кои повеќето не работат, но секоја вечер тој спие во нивна близина, сонувајќи дека еден ден неговата невообичаена колекција ќе прерасне во голем музеј. Правејќи торти за неготинските прослави, неговата сопруга Гордана ја поддржува страста на Дионис, плаќајќи му речиси за секоја негова нова стара кола“, стои во одлуката на жирито на фестивалот, составено од француските режисери Мануел Санчез, Вансан Фроели и Селин Пјер.
Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, чиј претседател и главен селектор од 2013 година е Тони Гламчевски, годинава прави посебен осврт на новите текови во балканската кинематографија. Беа претставени филмови од Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Во главната програма играше „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, во кратката седум кратки македонски филнови, а вечерва на затворањето, ќе се прикаже „Година на мајјмунот“ на Владимир Блажевски.