Денеска (18 септември) во 19 часот, во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ), ќе се отвори изложбата „Пресек“ на уметницата Ирена Паскали.
Паскали е мултимедијална современа уметница со богата меѓународна кариера. Ги завршила Средното уметничко училиште во Скопје и Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2000) во класата на професорот Станко Павлески, а магистрирала на Академијата за медијални уметности во Келн, Германија (2007), каде што живее и работи од 2004.
Паскали работи во различни медиуми: фотографија, видео, цртежи, експериментален филм, перформанс, а нејзините дела вклучуваат и експерименти со природни материјали. Добитничка е на повеќе меѓународни стипендии (Германија, Франција, Того, Русија, Латвија) и меѓународни награди (Кореја, Албанија, Германија, Србија). Има реализирано повеќе самостојни изложби и е учесник на многу меѓународни изложби.
Изложбата „Пресек“ претставува селекција од нејзиното богато творештво и одбележување на 30 години работа. Ќе биде отворена до 22 октомври.