Привршува едномесечната Меѓународна школа за археологија, која се одржува по 14. пат во локалитетот Стоби. Ја организираат фондацијата „Балканско наследство“ од Софија и НУ „Стоби“, а ја посетуваат 18 студенти, повеќето од САД, но и од Канада и Велика Британија.
„Работиме на просторот што се нарекува Затвор, неколку подземни простории кои можеби претставуваат некаков храм. Пробуваме да го истражиме тоа, просторот е повеќеслоен. Годинава ќе завршиме и со изработката на техничката документација за конзерваторскиот проект за архитектурата, по што ќе може објектот да се покаже пред пошироката јавност. Студентите имаат многу ентузијазам. Тие не работат само теренски, попладне работат на процесирање и систематизирање на наодите. Имаат и предавања од стручниот тим на Стоби. Се запознават со методологијата и на терен и во лабораторија. Добиваат комплетна слика за истражувања, не само ископувања“, кажа Димитар Николовски, археолог.
Меѓународната школа за археологија започна во 2010 како дел од соработката помеѓу Националната установа „Стоби“ и фондацијата „Балканско наследство“. Преку неа, повеќе од 100 студенти од различни делови на светот работеле во локалитетот.
„Го избрав Стоби затоа што секогаш имав интерес за медитеранската и балканската историја, но најмногу поради тоа што Универзитетот во Ајова е многу скап и оваа програма ми беше достапна. Локалитетот е прекрасен и присуството тука ми помага да одлучам дали ќе се занимавам со археологија професионално. Имам искуство во музејската работа, но ми требаше и практичното, теренско искуство. Практичната работа е одлична и едукативна“, рече Харисон Брадстон Ирвајн од Ајова, САД.
Преку директна теренска работа, учесниците ги учат основните методи на археолошки ископувања и документација.
„Дојдов во Стоби поради тоа што е интересен локалитет. Отсекогаш сум сакал да бидам археолог, а во САД, вакви работи не се достапни или се многу скапи. Фантастично е што програмата тука ни овозможува да учествуваме во целокупниот процес на обработка, нешто за што обично само можеме да читаме во научни публикации“, изјави Чарлс Логан од Детроит, САД,
П. ПЕЧКОВ