Метју Ли го гледал „Ролинг стоунс“ над 200 пати во 28 држави и потрошил милиони за колекцијата од 200.000 предмети поврзани со групата. Тој е најголемиот суперфан на „Ролинг стоунс“ и Гинисова книга на рекорди ја призна неговата колекција за најголема на светот.
Четириесет и петгодишниот лондончанец, кој работи во маркетинг агенција, собира предмети повеќе од две децении.
„Рони Вуд беше првиот, а Чарли Вотс вториот член на групата кој го запознав. Носев дел од предметите на концертите и ѝ ги покажував на групата. Чарли секогаш многу се интересираше. Тој беше срцето на групата и кога почина, тоа беше како да сум изгубил пријател“, вели Ли.
Минатиот октомври, Ли ја објави книгата „Hot Stuff: The Ultimate Memorabilia Collection“ и Вотс бил првиот член кој напишал посвета за неа.
„Тоа беше првпат групата да направи такво нешто за независна книга“, кажа Ли.
Тој ја почнал колекцијата со плакати од концерти и палки од Вотс фрлени во публика. Денес ги има 14. Колекцијата порасна во меѓувреме и денес содржи бројни ретки предмети, како најстариот познат плакат за концерт (од април 1963), маицата на Кит Ричардс од легендарниот фестивал Алтамонт во 1969, патиките на Вотс од настапот на Гластонбери во 2013, уметнички дела на Рони Вуд и јакната што Мик Џегер ја носел на концертот во Лондон во 2013. За неа платил 60.000 фунти на аукција.
Според Ли, еден од највредните предмети што ги поседува е првиот професионален договор на групата, што сите петмина членови го потпишале во 1963.
Мет вели дека станал фан на бендот на 12 години, а првпат го гледал во живо на „Вембли“ во јули 1995. Оттогаш патувал во Кина, Аргентина, Уругвај, Куба… Својата колекција планира да ја изложи во приватен изложбен простор.