АНГЛИЧАНЕЦ ЗБОРУВА ПОВЕЌЕ ОД 50 ЈАЗИЦИ, МЕЃУ НИВ И МАКЕДОНСКИ

Лондон, (Гардијан)

Англичанецот Ричард Симкот од мали нозе бил фасциниран со јазици. Денес ги зборува над 50 и се наоѓа меѓу 50-темина најголеми полиглоти во Британија. Меѓу јазиците кои ги владее е и македонскиот.

„Првиот странски јазик што го научив беше францускиот, на пет години. Во средно училиште го завршив курсот по шпански и тоа стана мојот живот. На Универзитетот во Хал студирав француски, шпански, италијански и португалски и одев на предавања по шведски и староисландски“, вели Симкот.

По студирањето работел во Германија, при што го научил и германскиот, па следувал холандскиот. Во Шпанија одел на часови по руски, добил диплома по чешки во Прага, посетувал грчка вечерна школа во Ротердам и лекции по арапски во Лејден.

„Јазиците имаа големо влијание и врз мојот приватен живот. Во 2003, за време на патувањето по Балканот, ја запознав мојата идна сопруга – Македонка. По враќањето во Британија, се вработив во министерството за надворешни работи и влегов во дипломатски води, при што бев на служба во Скопје, Сараево и Кишињев“, вели Симкот.

Нивната ќерка е родена во Англија во 2007 и вели дека ѝ зборувале на англиски, француски и македонски, а подоцна ги вклучиле германскиот и шпанскиот. Во 2010 се преселиле на Балканот, при што Симкот ги совладал сите регионални јазици.

„Сум учел повеќе од 50 јазици, од кои неделно користам 15, а повеќе од 30 годишно“.