СУПЕРМАРКЕТИ ВО ШВАЈЦАРИЈА ПОЧНАА ДА ПРОДАВААТ МАРИХУАНА

Цирих, (Дејли мејл)

Познатиот германски синџир супермаркети „Лидл“ почна да продава домашно одгледуван канабис во Швајцарија, благодарение на нова регулатива што овозможува легална продажба на марихуана.

Швајцарските власти уште во 2011 година изгласаа закон што им дозволува на лица над 18 години да купуваат и користат канабис што не содржи повеќе од еден отсто ТХЦ. Сепак, сѐ досега, локалните супермаркети не го имаа во своја понуда.

„Лидл“ прв се реши на ваков чекор, давајќи им на своите муштерии алтернатива на тутун, па канабисот сега се продава покрај вообичаените производи за пушење.

Еден и полграмска паковка се продава по цена од 17,99 швајцарски франци (13,20 фунти), а двојно поголема за 19,99 франци. Ова е повеќе од двојно поскапо од цигари.

Од „Лидл“ велат дека нивните производи содржат многу мало количество на ТХЦ и се безбедни за муштериите. Тие се направени само од цветови, од растенија одгледувани во стакленици.