ТАНЦОВАТА ПРЕТСТАВА „АЈДЕ!“ НА КОРЕОГРАФИТЕ КИРОВ И МИЦЕВ ВЕЧЕРВА НА СКОПСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Танцовата претстава „Ајде!“ во кореографија на Игор Киров и Бојан Мицев, вечерва (8 јули) ќе се изведе на Скопско лето, во 20:30 часот во Театар Комедија. Драматург е Ана Ристоска-Трпеноска, а играат: Јована Зајкова, Лука Ѓорѓиевски, Илијана Данилов, Нина Петрушевска, Андреј Димоски, Бојана Арсовска. Продукцијата е на „Моушн нетворк“ од Штип, копродукцијата на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, а се работи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”.

„Танцовата претстава ‘Ајде!’  нè води низ богатата музичка култура на ромската заедница. На најзначајниот ден во годината, Едерлези или Ѓурѓовден — денот на радоста, кога се слави будењето на природата, почетокот на новиот живот, пријателството и заедништвото, се раѓа една нова љубов. ‘Ајде’!” преку препознатлив ритам и музика, со танц, раскажува за неостварена љубов во доминантно патријархална средина и ја оживува ромската музика и фолклор на сцената. Претставата има за цел да ја подигне свеста за вредноста на животот, личната слобода и општествените норми во современиот контекст“, велат од Скопско лето.