Претставата „На чија страна“ на загрепскиот театар „Улисис“, во режија на Ленка Удовички, вечерва (27 октомври) од 20 часот ќе се игра во Драмскиот театар во Скопје во рамките на фестивалот РУТА.
Претставата е работена во соработка со Сараевскиот воен театар и „Релстејџ“, според текст на британскиот драмски писател и сценарист Роналд Харвуд. Дејството се одвива во Берлин во 1946 година. Во центарот на приказната е Вилхелм Фуртвенглер, еден од најголемите диригенти на 20. век, кој се соочува со истрага во процесот на денацификација. Неговиот разговор со американскиот мајор Арнолд отвора прашања за одговорноста на уметниците, моралните компромиси и за односот помеѓу уметноста и политиката.
Во главните улоги се Озрен Грабариќ од Хрватска и Светозар Цветковиќ од Србија (фото), а во актерската екипа се и Матеа Маврак, Џана Џаниќ, Албан Укај, Давор Сабо и виолончелистката Белма Алиќ.
Режисерката Удовички првпат се сретнала со оваа драма во 1998 година, кога ја поставила во белградскиот театар „Атеље 212“.
Авторот Роналд Харвуд светска слава стекна со сценариото за филмот „Пијанист“, за кое доби Оскар во 2003 година.