ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ СО СТЕНДАП ШОУТО „МЕНОПАУЗА“ НА ТУРНЕЈА НИЗ МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тијана Дапчевиќ со стендап шоуто „Менопауза“ ќе одржи турнеја низ Македонија, објави продукцијата „Евентум“. Првото шоу на 19 април во Филхармонијата во Скопје е распродадено, и закажано е второ на 21 април.

На 22 април, музичарката и актерка гостува во Кавадарци, на 23 во Битола за отварање на Фестивалот на монодрама, на 24 во Охрид, а на 25 април во Струмица. Сите настани се во центрите за култура.

Македонската музичарка и актерка, која долги години живее во Белград, вели дека претставата е гласна, искрена и духовита приказна за темите за кои жените најчесто шепотат, а сега конечно се зборуваат без срам и со многу смеа. Текстот е на Данило Вукотиќ, а режисер е Раде Вукотиќ.

„Играм драматичен стендап напишан од Данило Вукотиќ. Мојот лик се вика Марина Станковиќ, која е во менопауза. Препознавам многу од ситуациите споменати во текстот кои се случуваат и кај мене, тие промени на расположението, на пример. Драго ми е што можам гласно да зборувам за менопаузата, бидејќи тоа не е табу тема, тоа е нешто што секоја жена го доживува во средните години. Треба гласно да зборуваме дека менопаузата не е крај на животот, таа е само ресетирање“, вели Тијана Дапчевиќ.