Руската сопранистка Вероника Џиоева ќе ја пее насловната улога на принцезата Турандот во вечерашната (26 мај) изведба на операта на Мајските оперски вечери во Националната опера и балет (НОБ).
Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режијата, сценографијата и костимографијата се на реномираниот режисер Џанкарло дел Монако, а кореографијата е на Саша Евтимова.
Во улогата на Калаф ќе настапи кинескиот тенор Жао Гуо, улогата на Лиу ќе ја пее Биљана Јосифов, во улогата на Тимур е Владимир Саздовски, а во останатите улоги се Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров и Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на НОБ.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини, кој умрел пред да ја доврши, за подоцна да биде завршена од Франко Алфано.
Жао Гуо и Вероника Џиоева на генералната проба (Фото: М. Угарковиќ)