Учебната година во Македонија ќе заврши по електронски пат, објави Владата.

За да се избегне директен контакт среде пандемијата на коронавирусот, од кој секој ден има сѐ повеќе заразени и во Македонија, учениците и студентите ќе ја следат наставата од дома, преку средствата за електронска комуникација, како видеоконференциски платформи и електронска пошта.

За основните училишта се предвидува наставниците да спроведат испрашувања и тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на нивното знаење. И средношколците ќе слушаат предавања, комуницираат и ќе бидат тестирани и оценувани од професорите преку средствата за електронска комуникација.

Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, при што предавањата, вежбите, проверката на знаењето, индивидуалната настава и консултациите ќе се одвиваат по електронски пат, исто како и полагањето на испити и колоквиуми, но само доколку факултетите обезбедат сигурен систем.

Македонија беше една од првите земји во Европа која целосно го запре образовниот процес поради коронавирусот, при што сите градинки, училишта и факултети беа затворени на 10 март.