Седумнаесетгодишната битолчанка Марија Христовска ги руши табуата дека рударството е машка професија. Таа е единствената девојка меѓу учениците од трета година на насоката геолошко-рударски техничар во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола.

Ја затекнавме во рудникот Брод Гнеотино, крај багер СРС 2000/1, висок 60 и долг 136 метри. Облечена во работнички алишта на РЕК, заедно со своите соученици изведуваше практична настава. Професорите и менторите ја пофалија дека освен што редовно доаѓа на пракса, таа е и одличен ученик.

„Учам за геолошко-рударски техничар. Следната година ќе матурирам и планирам да се запишам на Геолошко-рударски факултет. Ја одбрав струката зашто сметам дека мажите и жените се рамноправни во изборот на професија. Добро се снаоѓам. Во класот учам само со машки и добро соработуваме. Потоа планирам да побарам работа. Сметам дека тука има место за рударки“, рече Христовска.

Во Брод Гнеотино матурски испит полагаа и шестмина ракувачи со рударски машини. Меѓу нив немаше девојчиња.

„Секоја година имаме по едно девојче. Порано беа повеќе. Вчера бевме на генерациската средба за 25 години од матурирањето и бевме повеќе женски од машки. Низ годините се намалуваше бројот на ученици во класовите. Се преземаат мерки да се промени тоа, зашто има потреба од овој профил, се вработуваат во РЕК или во фирмите кои работат во РЕК. Во РЕК има рударски техничарки и инженерки. Уште не можеме да ги охрабриме да бидат ракувачки, а поспремни се од машките понекогаш“, рече професорката Валентина Маневска, рударски инженер.

Оваа учебна година, во РЕК „Битола“ пракса обавуваа 26 ученици од геолошко-рударска и металуршка струка, како и ракувачи со рударски машини од трета и четврта година од СОУ „Таки Даскало“. РЕК за првпат им обезбедува и превоз, опрема и храна.

Ж. ЗДРАВКОВСКА