Канада ќе ја забрани пластиката за еднократна употреба почнувајќи најрано од 2021 година, објави премиерот Џастин Трудо. Кои конкретни предмети ќе бидат забранети, ќе се утврди преку научни анализи, но се посочуваат шишиња, кеси и сламки.

„Најрано во 2021 година, Канада ќе забрани штетни пластични предмети за еднократна употреба од еден до друг брег на државата“, кажа Трудо.

Тој додаде дека неговата влада се инспирира од Европскиот парламент, кој во март донесе ваква одлука, со цел да се стави крај на загадувањето на океаните и почвата со пластичен отпад.

„Многу други земји го прават ова и Канада ќе биде една од нив. Ова е голем чекор, но знаеме дека сме способни за него“, рече Трудо.

Канада рециклира само 10% од својот пластичен отпад и владата соопшти дека еден милион птици и 100.000 морски цицачи годишно се повредени или умираат низ светот поради тоа што заменуваат пластика за храна.