ВО МЕКСИКО ОТКРИЕНА НАЈГОЛЕМАТА ПОДВОДНА ПЕШТЕРА НА СВЕТОТ, ДОЛГА 347 КИЛОМЕТРИ

Мексико Сити, (Гардијан)

Група нуркачи поврза две подводни пештери во источно Мексико, со што се доби она што се верува дека е најголемиот систем на подводни пештери на светот.

Ова откритие, исто така, би можело да фрли ново светло врз древната цивилизација на Маите.

Гран Акиферо Маја, проект посветен на проучување и заштита на подземните води на Јукатанскиот Полуостров, објави дека пештерата долга 347 километри била идентификувана по неколкумесечното истражување на лавиринтот од подводни канали. Тие утврдиле дека системот Сак Актун, долг 263 километри е, всушност, поврзан со системот Дос Охос од 83 километри.

„Ова неверојатно сознание би можело да ни помогне да го разбереме развојот на богатата култура на регионот, во којашто доминирала мајанската цивилизација. Ова ни овозможува подобро да разбереме како се појавиле ритуалите, светилиштата и предшпанските населби“, изјави Гилјермо де Анда, директорот на Гран Акиферо Маја.

Јукатан е богат со остатоци од мајанската цивилизација, чии градови биле градени врз широката мрежа на канали поврзани со подземните води.