ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА НА СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА И КИНА ВО ГАЛЕРИЈАТА НА ФЛУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (10 октомври) во 19 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) ќе се отвори изложбата „Приказни за замислен дом, резултат на повеќемесечната соработка помеѓу студенти и наставен кадар од ФЛУ во Скопје и Колеџот за кинеска и азиска уметност при Универзитетот во Ченгду, Кина.

„Оваа изложба ја обединува мултидисциплинарната група студенти од Скопје и Ченгду, кои потекнуваат од различни студиски подрачја, како сликарство, графика, визуелни комуникации и дизајн на продукт. Секој студент, во соработка со партнер од другиот универзитет, замислува како би изгледал родниот град на партнерот за 100 години во иднината. По повеќемесечна соработка на далечина, процесот кулминираше со изработка на дела во различни медиуми, кои ја покануваат публиката да размисли за иднината на заедниците, природата, технологијата и за значењето на домот“, велат од Факултетот за ликовни уметности.

Куратори на изложбата се професорот Алекс Клоуз од Универзитетот во Ченгду, професорката Слободанка Стевческа од ФЛУ и Ана Спасова, асистентка на ФЛУ.

Учесници на изложбата од ФЛУ се Билјана Богдановска, Денис Денчиќ, Јана Крстеска, Стефанија Цветановска, Лука Димитриевски, Нина Настев, Сара Ачкоска, Ана Гошева и Дарко Бојовски.