ЅВЕЗДИТЕ НА ПОЗНАТО МЕМЕ СТАНАА ЗАШТИТНО ЛИЦЕ НА КАМПАЊА НА ВИКТОР ОРБАН

Будимпешта, (Би-Би-Си)

Новата семејна политика на унгарската влада беше исмеана на социјалните мрежи откако на билбордите се појавија „ѕвездите“ на едно од најпопуларните мемиња.

Владата на Виктор Орбан усвои нов акционен план за поддршка на семејствата, кој, меѓу другото, предвидува даночни олеснувања за мајките со повеќе деца, но во кампањата искористи ликови кои се добро познати од серија мемиња наречена „деконцентрирано момче“.

Комерцијалната фотографија на Антонио Гилјем на големо се рашири на интернет, добивајќи разни контексти

„Младите двојки добиваат поддршка додека очекуваат бебе“, стои на билбордот, кој промовира традиционални семејни вредности.

Спротивно на лежерната фотографија што може да се види низ Будимпешта, мемето „деконцентрирано момче“ често е проследено со контекст кој значи неверство, нелојалност или неодлучност. Таа е дел од серија комерцијални фотографии што ги направи фотографот од Барселона Антонио Гилјем и, во меѓувреме, на големо се прошири на интернет.