„Фејсбук“ заздравува од повеќе од 10-часовното нарушување на работата на неговите платформи, поради кое тие беа вон функција во најголемиот дел од светот. Погодени беа главните производи на компанијата, Фејсбук, Инстаграм и Вотсап и се верува дека ова е најголемиот дефект откако постојат.

Компанијата сè уште не се огласила што е причината за прекинот.

Последен пат кога Фејсбук бил погоден од прекин со ваква магнитуда беше во 2008 година, но тогаш имаше 150 милиони корисници, наспроти денешните 2,3 милијарди.

Проблемите почнаа вчера попладне и првите знаци на вистинско подобрување се појавија дури утрово. Иако корисниците можеа да си ги отворат профилите, тие не можеа ништо да објавуваат и наскоро стана јасно дека станува збор за глобален проблем.

„Свесни сме дека некои луѓе моментално имаат проблем да пристапат на нашето семејство на апликации. Работиме на тоа да го решиме проблемот што е можно побргу“, соопшти „Фејсбук“.

Наспроти шпекулациите, компанијата додаде дека не станува збор за сајбернапад.