БЕЛЕЊЕ НА ЗАБИТЕ ЗА БЛЕСКАВА НАСМЕВКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пишува: д-р Радмила Димовска, специјалист по ортодонција од ординацијата „КРУНА МС“

Полирање на забите

Професионалното полирање на забите е естетска процедура, со која се отстрануваат плакот и дамките од површината на забите. Се врши кај пациенти чии заби се во добра здравствена состојба. Профилаксата вклучува полирање со цел да се отстрани плакот. За рачно отстранување користиме специјални инструменти за отстранување на плак, бактерии и тврди наслаги, кои ги прават забите нерамни и матни. Оваа активност може да се изврши со ултразвучни отстранувачи, односно машина која вибрира со ултразвучна фрекгенција и при тоа испушта вода, или со рачни инструменти. И двата метода се користат за израмнување и чистење на површината на забите.
Полирањето се врши машински со гумилка за полирање, профи паста со шт се отстрануваат бактериските наслаги и површинските дамки. Со оваа процедура се чисти површината на забот што е над непцето, не под него. Чистењето на површината на забите под непцето е дел од поинаква процедура. Пародонталното чистење е наменето за пациенти кои имаат проблеми со непцата. Отстранувањето на наслагите и длабинското чистење на површините под непцата се користи при третман на пародонтални болести, инфекција на непцето и забната коска. Според Американската стоматолошка асоцијација, дефиницијата за профилакса гласи: Отстранување на плак-меки насллаги, камен и дамки од трајните и млечни заби.

Воздушна абразија

Воздушната абразија претставува нежен млаз на комбинација од воздух и прав со помош на кој се отстранува плакот на забот. Ние ја контролираме брзината и јачината на млазот, при што внимаваме да не нанесеме болка. Во најголем дел од случаите, ова значи дека нема потреба од анестезија. При воздушна абразија водата ги фаќа честичките од прав, спречува непотребно ослободување на честички и го прави третманот поудобен и за пациентот и за нас. Најчесто се користи за подготовка на отвори настанати како последица од мал кариес, отворање и проширување на процепи (фисури), отстранување на тврди супстанци наталожени на забите, отстранување на длабоки дисколорации, огрубување на површината на забите за поставување на коронки, мостови, брекети, и отстранување на остатоци од цемент при отсранување на коронки, мостови или брекети.

Ласерско белење на забите

Белењето на забите претставува ефективен начин на осветлување на природната боја на забите без отстранување на делови од нивниот површински слој. Со оваа процедура не се постигнува целосна промена на бојата, туку само осветлување на веќе постоечката. Постојат повеќе причини за белење на забите. Бојата на забите кај секого е различна. Со текот на времето таа често се менува. Навистина ретки се оние кои имаат перфектно бели заби. Површината на забите ја менува бојата и кога се конзумира одреден вид храна, како што е чајот, кафето, црвеното вино и црната рибизла. Цигарите исто така ја менуваат бојата на забите. Забниот камен исто така влијае на бојата на забите. Кај некои луѓе обезбојувањето се јавува под површината на забите и е резултат од користење одредени антибиотици или од мали пукнатини на забите кои се здобиле со одредена боја. Професионалното избелување е најчестата процедура за белење на забите. Најпрво, парвиме проценка дали пациентот може да се подложи на процедурата, а потоа го спроведуваме процесот. Прв чекор од процедурата е мачкање на непцата со гел или гумена маса за заштита на мекото ткиво. Потоа, се премачкуваат забите со средството за белење. Состојката во средството на белење, која предизвикува избелување на забите, е најчесто хидроген пероксид или карбамид пероксид. Со разложување на оваа состојка кислородот навлегува во емајлот на забите и го осветлува. Ефектите од процедурата на белеење на забите имаат различен век на траење кај секој пациент засебно, но може да траат до три години. Периодот се намалува доколку пациентот е пушач или конзумира храна и пијалоци кои влијаат на бојата на забите.