СЕДУМ ПРЕУБАВИ СПА ЦЕНТРИ КОИ БИ МОЖЕЛЕ ДА СИ ГИ ДОЗВОЛИТЕ

Гардијан, (Берлин)

Масажите, сауните и користењето на релаксирачките моќи на водата биле присутни во сите традиции низ човечката историја. Меѓутоа, честопати кога помислуваме на овие работи имаме претстава дека бидејќи се луксузни, сигурно се и прескапи за да можеме да си ги дозволиме.

Ова се седум места кадешто можете да доживеете убави моменти во бројните саунски понуди, без да почувствувате вина дека трошите повеќе отколку што би требало.

Ликвидром, Берлин

Подмладете се кога ќе бидете во главниот град на Германија со посета на Ликвидром, еден од најомилените спа центри во тренди населбата Кројцберг, која нуди луксузни и шик искуства за многу пониска цена од тоа што би очекувале. Главниот дел на оваа урбана бања е големиот базен со солена вода во романтично осветлена просторија и со таван со купола. Чилаут музиката ќе ве воведе во транс, а можете да одберете од големиот избор на сауни и парни соби.

Гелерт Бетс, Будимпешта

Сите знаат дека Будимпешта е дестинација од соништата кога се работи за бањите. Првиот избор мора да ви биде Гелерт Бетс, сместена во восхитувачкиот арт нуво замок, со шумлив базен и многу помали базени со вода полна со минерали, која извира од ридовите зад градбата. Воедно, за разлика од многуте бањи низ Будимпешта кои имаат посебни простории за мажи и жени, Гелерт бетс од 2013 година нуди заедничка просторија.

Хермани, Хелсинки

Отворена од 50-ите годиниХермани е една од трите јавни сауни во главниот град на Финска. Место каде што можете да навлезете во рутините од животот во Хелсинки, бидејќи локалните жители таму одат речиси секоја недела. Очекувајте класични сауни со дрвени облоги, со пријатна, потполно релаксирачка атмосфера и ретростил низ целиот процес.

Клч Али Паша Хамам, Истанбул

Друг град со наследство на амами е Истанбул. Еден од најимпресивните е Клч Али Паша Хамам. Изграден во 16. век и крстен по адмирал на отоманската морнарица, беше одново отворена во 2012, по седумгодишната реставрација. Сега таа е обемна и сложена градба, со најголемата амамска купола во градот и со специјална понуда на „ритуалното амамско миење“.

Сандују, Москва

На екстремните зимски температури во Москва, Санудју е вистинското место за да избегате од студот. Основан во 1808, тоа е најстариот спа центар во Русија, а меѓу столбовите, статуите и мермерниот ентериер се наоѓаат јавни и приватни бањи, базени, парни соби и топли кади. Освен што можете да им се препуштите на овие задоволства, имате можност да учестувате во тура низ објектот, за да дознаете повеќе за историјата на руските бањи.

Лажне на лоди, Прага

Во срцето на главниот чешки град се нуди алтернативно спа искуство со сауна на брод. Сауната Лашне на лоди има место за 16 луѓе, а додека се релаксирате, може да уживате и во погледот кон прашкиот замок.

Централбадет, Стокхолм

Изграден во 1904 година во центарот на градот, Централбадет е арт нуво палата, кадешто посетителите можат да се восхитуваат на величествената околина, како внатре, така и надвор во неговата бујна градина. Покрај бањите и сауните, имате и место за јога и медитација, како и тераса за сончање во лето. Уникатен елемент е традиционалната берберница, која нуди бричење по стариот метод.