ЕД ШИРАН СЕ СВРШИ СО ДЕВОЈКАТА ОД ДЕТСТВОТО

Лондон, (Би-Би-Си)

Популарниот поп пејач, текстописец и продуцент Ед Ширан објави дека се свршил со долгогодишната девојка Чери Сиборн.

Објавувајќи ја веста на Инстаграм, тој рече дека се многу среќни и заљубени, шегувајќи се дека и нивните мачки се среќни за нив.

Двојката е заедно уште од училишните денови, но раскинале поради студиите на Сиборн во САД и повторно се заедно од 2015 година. За време на неговата турнеја во 2016 година, тие заедно патуваа низ светот.

Сиборн е хокеј-ѕвезда, која ѝ помогна на младата селекција на Англија да го освои бронзениот медал на Европското првенство во 2012 година.

Ширан беше принуден да откаже некои концерти кон крајот на минатата година по несреќата со велосипед. Тогаш додаде оти ќе одмори малку од музиката и ќе ужива во љубовта. Тој, исто така, објасни дека сака да формира семејство.

„Јас сум подготвен, сакам малечки бебиња кои се шетаат наоколу”, рече тој.