Средношколката иноваторка Евгенија Дивитарова од Битола, која изработува машини за гравирање со ласер, го освои првото место во автоматика на 55. Државен натпревар на младите истражувачи, што викендов се одржа во Куманово. Оваа 17-годишна девојка, ученичка во Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, на натпреварот се претстави со машината за гравирање со ласер, при што ја изненади комисијата со тоа што на дрво за кусо време изгравира повеќе фотографии.

„Имав неколку примероци направено, меѓу кои и ликот на Исус Христос, за да покажам дека машината може да гравира и во нијанси. На натпреварот имаше силна конкуренција од разни градови во земјава и навистина беше предизвик да се учествува. Првото место е поттик да ја подготвам мојата трета машина за гравирање со ласер“, рече Дивитарова.

На Државниот натпревар учествуваа 144 средношколци од земјава. Од истото училиште уште двајца ученици се пласираа меѓу најуспешните. Антонио Цветановски го освои првото место во областа на електротехника и електроника, а Наиле Емини второ во роботика.

Дивитарова е на чекор да изработи трета машина за гравирање со ласер. Самата ги смислува софтверите, ги дизајнира и конструира деловите од машината на која се врши гравирање на текст, фотографии, па дури и уметнички дела. Досега изработила две машини, а за втората ја доби наградата за Млад иноватор на натпреварот Макинова во октомври лани во Скопје. За изработка на машините досега добила поддршка само од Фабриката за опрема и делови во Битола, а конструирањето на ваквите ЦНЦ машини е скапо, зашто деловите ги нема кај нас.

Ж. ЗДРАВКОВСКА