БРЕЈКДЕНС СТАНА ОЛИМПИСКИ СПОРТ, ЌЕ ДЕБИТИРА ВО ПАРИЗ ВО 2024

Женева, (Би-Би-Си)

Брејкденс, односно неговата натпреварувачка форма брејкинг, доби статус на олимписки спорт и како таков, првпат ќе биде во програмата на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година. Тој ќе им се придружи на останатите нови спортови сурфање, скејтбординг и спортско качување, кои ќе дебитираат уште следната година во Токио.

За разлика од брејкингот, паркур не беше вклучен во програмата на ОИ 2024.

„Ова е одлична вест и ќе му донесе поголемо признание на брејкингот како спорт. Ова истовремено ќе привлече повеќе млади да гледаат Олимпијада, кои можеби не се љубители на традиционалните спортови“, изјави британскиот брејкденсер Карам Синг.

Натпреварувачите во брејкингот не се оценуваат само за нивните технички вештини, туку и за креативност и стил, а предвид се земаат и сила, брзина, ритам и агилност.

Брејкингот бил креиран од афроамериканската и порториканската младина во САД во почетокот на 1970-ите и кон крајот на деценијата веќе се прошири меѓу други заедници и се здоби со поширока популарност.