Килијан Марфи се префрлил на ригорозна диета заради насловната улога во филмот „Опенхајмер“, при што јадел само еден бадем на ден. Овој детаљ го откри неговата колешка од филмот Емили Блант.
„Знаеше да јаде само еден бадем на ден. Толку беше слаб“, изјави Блант за списанието „Екстра“.
Марфи за „Њујорк тајмс“ кажа дека морал доста да ослабне зашто „таткото на атомската бомба“ живеел на мартини и цигари и изгледал изнемоштено.
„Сакам да се играм со моето тело. Опенхајмер имал многу изразен физички изглед и сакав правилно да го доловам тоа. Функционирав на некоја луда енергија. Преминав невидлив праг, по кој веќе не се грижев за храната или што било друго. Толку бев навлезен во таа хиперсостојба, но беше добро, зашто ликот што го глумам бил таков. Тој никогаш не јадел“, кажа 47-годишниот ирски актер.
Мет Дејмон откри дека Марфи речиси секогаш ги пропуштал вечерите со екипата.
„Го каневме секоја вечер и не дојде ниеднаш. Изгуби многу тежина за улогата“, кажа Дејмон.
Филмот на Кристофер Нолан е заснован на книгата „Американски Прометеј“ од 2005 година и го следи создавањето на атомската бомба низ призмата на водачот на проектот „Менхетн“, физичарот Роберт Опенхајмер.