Шеста година по ред, Финска е прогласена за најсреќната држава на светот, во рангирањето што се прави по повод Меѓународниот ден на среќата на Обединетите нации, кој се одбележува на 20 март. Финска, како и нејзините скандинавски соседи, доби многу високи оценки за сите параметри од Светскиот извештај за среќата.
Како фактори кои придонесуваат за квалитетот на животот во извештајот се идентификувани приходот, здравјето, имањето на кого да се смета, чувството на слобода при донесувањето клучни животни одлуки, дарежливоста и отсуството на корупција.
Зад Финска се пласираа Данска и Исланд, а во најсреќните десет држави уште се Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд. Македонија се најде на 87. место, што е подобрување за две позиции во однос на ланскиот извештај. Последното место во извештајот што опфати 137 држави го зазеде Авганистан.
Финците веруваат дека клучот за нивната среќа лежи во четири елементи: животен стил, природа, исхрана и одржливост. Покрај тоа што има 187.000 езера и 41 национален парк, 75% од Финска се покриени со шуми.