ИЗРАЕЛ ГО ПРОИЗВЕДЕ ПРВИОТ СТЕК ВО ЛАБОРАТОРИЈА, НО МУ ТРЕБА ПОДОБРУВАЊЕ НА ВКУСОТ

Тел Авив, (Гардијан)

Израел објави дека го произвел првиот стек добиен од ќелии во лабораторија.

Сепак, месото сѐ уште не е готов производ: прототипот чини 50 долари за мало парче и на вкусот му треба усовршување, рекоа неговите создавачи. Но, ова е првото месо кое има мускулна структура слична на нормалното месо, кое не е добиено со убивање животно.

Ова е голем чекор за прехранбената индустрија, бидејќи месото што други компании го создаваат во лабораторија е наменето за неструктурирани продукти, како бургери. Вака создаденото месо засега го нема во јавна продажба, но американската компанија „Џаст“ најави дека нејзините пилешки грутки наскоро ќе се најдат во понуда на некои ресторани.

„Стекот создаден во лабораторија уште три-четири години нема да се најде во комерцијална продажба. Има добар вкус, но треба уште работа за да го добие целосниот вкус на класичното месо. Но, кога го готвите, мирисот е ист“, вели Дидје Тубија, коосновач и извршен директор на „Алеф фармс“.

Тој е свесен дека цената на прототипот од 50 долари е „луда“. Првиот бургер од говедско месо од лабораторија, создаден во 2013 година, чинеше 250.000 долари.

Последните истражувања покажаа дека светот мора значително да го намали одгледувањето животни за исхрана, за да се намали емисијата штетни гасови од стаклени градини.