НАЧИНИ ДА СЕ ОДВИКНЕТЕ ОД ЗАВИСНОСТА ОД ТЕЛЕФОНИТЕ

Лондон, (Индипендент)

Паметните телефони фотографираат, ги организираат нашите животи, нè одржуваат во контакт со најблиските и нудат бесконечен прилив на забава. Но, тие претставуваат и голем проблем токму поради оваа зависност.

Докажано е дека ако поминуваме долго време на мобилен телефон дневно, тоа влијае директно врз нашата способност за формирање нови спомени, длабоко размислување, фокусирање и за апсорбирање информации.

Според експертите, еден од првите најважни чекори за одвикнување од зависноста од телефоните е поставување граници и освестување за тоа колку често го користиме.

Добра идеја е се одредат периоди од денот „без телефон“, кога нема да го имаме постојано при рака. Мал чекор може да биде 30-минутна пауза, кога можеме целосно да го исклучиме или, пак, да го оставиме дома при мала прошетка. Со постојана примена на оваа вежба, малите чекори можат да помогнат да изведеме целосен „детокс“ од 24 часа.

Друг начин е да одредиме простори кадешто телефонот ќе биде забранет. Едно од најповолните места за оваа забрана е спалната соба. Многу истражувања укажуваат дека исфрлувањето на телефонот од просториите кадешто се спие го подобрува квалитетот на сонот.

А, доколку ве загрижува како ќе станете наутро, инвестирајте во будилник, место будењето да ви зависи од телефонот.

Конечно, една од најчестите причини зошто ги користиме толку многу телефоните се социјалните мрежи. За да се справиме со ова, може да се почне со исклучување на опцијата за известувања или телефонот да се држи на тивок режим.