Лондон, Париз, Богота и Хонгконг се меѓу градовите кои се најпогодни за пешачење, покажа ново истражување кое опфати повеќе од илјада градови низ цел свет и се базираше на тоа колку блиску се простори без автомобили, училишта и болници за жителите и на општата краткост на патувањата.
Истражувачите од Институтот за транспортни и развојни политики од Њујорк велат дека прилагодувањето на градовите на пешачењето е клучно за општото здравје, намалувањето на штетните емисии од сообраќајот и за градењето на посилни локални заедници и економии. Сепак, како што додаваат, малку градови им даваат предност на пешаците и автомобилите доминираат, што особено е забележливо во САД.
Меѓу градовите со над пет милиони жители, Богота (Колумбија) е единствениот кој котира во топ 5 според сите три параметри.
Првиот е колку луѓе живеат на 100 метри од зони без автомобили, како паркови, пешачки улици и плоштади. Хонгконг е на првото место со 85% од населението, па следуваат Москва, Париз, Богота и Лондон.
Втората мерка е бројот на луѓето кои живеат на еден километар од здравствени и образовни установи, во што на првите пет места се Париз (85%), Лима (Перу), Лондон, Сантјаго (Чиле) и Богота.
Просечната големина на градските блокови беше третиот параметар, бидејќи помалите блокови им овозможуваат на луѓето помалку да кружат и побрзо да стигнат до својата дестинација. Тука главниот град на Судан, Картум, се најде на првото место, пред Богота, Лима, Карачи и Токио.
Извештајот заклучува дека градовите во кои пешачењето е полесно и побезбедно имаат помало аерозагадување, помалку дебели луѓе, повеќе простор за игра за децата и помалку смртни случаи на патиштата.