Кошмарен ден на работа? Ви се ближи крајниот рок? Не грижете се, работите навистина изгледаат подобро наутро. Во најсеопфатното истражување од ваков вид, научниците открија дека, генерално, светот изгледа посветол кога ќе се разбудите.
Луѓето го започнуваат денот со најдобрата состојба на умот наутро, но завршуваат со најлошата околу полноќ, сугерираат наодите, а денот во неделата и годишното време исто така играат улога. Менталното здравје, исто така, има тенденција да биде поразновидно за викендите, а постабилно во текот на неделата, според истражувањето предводено од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Генерално, работите изгледаат подобро наутро“, заклучија истражувачите.
Менталното здравје и благосостојбата имаат динамична природа и се менуваат во кратки и долги периоди. Научниците сакаа да истражат дали времето од денот е поврзано со варијации во менталното здравје, среќата, задоволството од животот, чувството дека животот вреди и осаменоста. Притоа биле анализирани милион одговори од речиси 50.000 возрасни лица во текот на две години.
Резултатите покажаа дека среќата и задоволството од животот се поголеми во понеделник и петок отколку во недела, додека среќата била поголема и во вторник. Немаше докази дека осаменоста се разликува во деновите низ неделата.
Затоа има докази дека годишното време влијае врз расположението. Во споредба со зимата, луѓето имаат помалку симптоми на депресија, анксиозност и осаменост и повисоки нивоа на среќа и задоволство од животот во останатите три годишни времиња. Менталното здравје било најдобро во текот на летото според сите резултати.
„Промените во менталното здравје и благосостојбатата во текот на денот можат да се објаснат со физиолошките промени поврзани со телесниот часовник. На пример, хормонот кортизол го достигнува својот врв веднаш по будењето и го достигнува најниското ниво пред спиење“, велат научниците.
(Фото: Алами)