Долго, жешко, често и полно со меурчиња – сето она што го прави туширањето забавно е, всушност, лошо за вашата кожа, велат експерти.

„Туширањето неколку пати дневно ја суши кожата. Во најлошите случаи, тоа може да предизвика екцем“, вели Бернадет Еберлајн, професорката по дерматологија на Техничкиот универзитет во Минхен.

Многу работи зависат и од типот на кожата, смета Ерхард Хаклер од Германската дерматолошка асоцијација.

„Ако некој веќе има сува кожа, и едно туширање дневно може да биде премногу“.

Туширањето е дневна рутина на голем број луѓе, особено во топлите месеци. Ако баш инсистирате на тоа, погледнете каков сапун користите или правете го тоа само со вода.

„И самата вода може да ги повреди природните бариери на кожата, а ефектот го влошуваат сапуните и геловите за туширање, кои ги уништуваат заштитните липиди“, додава Еберлајн.

Ако не сакате да се откажете од сапунот, фокусирајте се на деловите од телото кои се најмногу изложени на потење. И избегнувајте го сето она што изгледа забавно.

„Гелот за туширање треба да биде без парфем, бои и конзерванси. Нема да прави пења, но и нема да ви ја суши кожата“, вели дерматологот Јаел Адлер.