ШПАНИЈА ПЛАНИРА ДА СТАНЕ ЕДНА ОД ПРВИТЕ ЗЕМЈИ КОЈА ЌЕ ТЕСТИРА ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА

Мадрид, (Гардијан)

Шпанија би можела да стане една од првите земји во светот каде што ќе се тестира четиридневна работна недела, откако владата лансираше пилот-проект за компаниите заинтересирани за идејата.

Во почетокот на годината, малата левичарска партија Mas Pais објави дека владата го прифатила нејзиниот предлог да се испроба оваа идеја и нови разговори се очекуваат во наредните недели.

„Четиридневна работна недела (32 часа), ова е идеја чие време е дојдено. Сметам дека работењето повеќе часови не значи и подобро работење“, изјави Ињиго Ерехон, претседателот на Mas Pais.

Од Нов Зеланд до Германија, идејата почна да добива сѐ поголемо прифаќање низ светот. Нејзините поборници велат дека скратена работна недела ја зголемува продуктивноста, го подобрува менталното здравје на работниците и се бори против климатските промени.

Оваа идеја не случајно најде плодна почва во Шпанија. Таа беше една од првите западноевропски земји која во 1919 година го усвои системот на осумчасовен работен ден.

Партијата на Ерехон предложи тригодишен проект од 50 милиони евра, во кој 200 компании би ја испробале новата шема со минимален ризик. Ерехон го наведува успешниот пример на софтверската компанија „Делсол“, која прва во Шпанија воведе четиридневна работна недела.

„Тоа резултираше со намалување на отсуствата и со пораст на продуктивноста, а вработените станаа посреќни“.