ШВЕДСКИОТ ГРАД ЛУЛЕА ПОЧНА КАМПАЊА ПРОТИВ ОСАМЕНОСТА, ГИ ОХРАБРУВА ЛУЃЕТО ДА СИ КАЖУВААТ „ЗДРАВО“ НА УЛИЦА

Шведска, (Гардијан)

Град на северот на Шведска, во кој речиси и да нема сонце во зима, осмисли едноставен начин на поврзување на осамените жители. Сите жители на Лулеа се замолени да си кажуваат „здраво“ едни на други.

Светската здравствена организација неодамна објави дека осаменоста станува глобална здравствена закана, што се влоши во пандемијата на ковид-19. Едно неодамнешно истражување покажа дека во Лулеа 45% од младите од 16 до 29 години имале проблеми поврзани со осаменоста. Кај луѓето над 85 години бројките се нешто помали – 39%.

Пред пандемијата односот беше 50-50. Некои луѓе се поздравуваа едни со други, но по ковидот, многумина почнаа да се плашат од контактот со странци. Едно ‘здраво‘ може да му промени ден на некого“, изјави 25-годишниот жител на Лулеа, Сејед Мохсен Хашеми.

Тоа треба да се промени со новата кампања „Кажи здраво“ (Säg hej!). Концептот е едноставен: кампањата ги охрабрува луѓето топло да ги поздравуваат минувачите на улица со „хеј“, што на шведски значи здраво.

Оваа фраза се рекламира и на градските автобуси, а во училиштата се организираат „пријателски“ работилници.